Во 2001 година архелогот Јовица Станковски од Народниот Музеј во Куманово – Република Македонија во близината на селото Кокино откри големо наоѓалиште на керамика од бронзениот период. Според димензиите и изгледот, локалитетот се разликуваше од сите дотогаш видени археолошки наоѓалишта. Локалитетот зафаќа површина од околу 5000 м2 скалесто поставен на две платформи веднаш под планинскиот врв Татиќев Камен со надморска висина од 1013 метри.
На прв поглед на локалитетот доминираат камените седишта наречени тронови кои се исклесани во карпа и се поставени во насоката север-југ. На тој начин човекот кој седи на еден од троновите е свртен кон источниот хоризонт, со што, кај археолози се јавила идејата дека можеби на тој начин биле набљудувани небесните тела.
Во 2002 година физичарот Ѓоре Ценев од Планетариумот при МКЦ во Скопје се вклучи во истражувањето на локалитетот и ја направи првата целосна археоастрономска анализа. На локалитетот беше лоцирана централната позиција за набљудување на небесните тела како и постоењето на седум маркери изработени во вертикалните стени со кои се означувале местата на изгревање на Сонцето и Месечината.