Според историските и археолошките податоци долината на реката Пчиња како природен коридор во централниот дел на Балканскиот Полуостров во далечното минато имала големо значење во преселбите на народите како и во воените походи кои се движеле во насоката север-југ. При посетата на овој регион од левата страна на реката Пчиња лесно се забележува необичниот облик на планинскиот врв Татиќев Камен кој доминира на источниот хоризонт.
Карактеристичниот изглед на андензитните карпи и природните пукнатини на праисториските жители им овозможиле на релативно лесен начин да обликуваат структури кои се користеле како планинско светилиште, како и елементи на мегалитска опсерваторија. Сите овие структури распоредени се на две скалесто поставени платформи со висинска разлика од дваесетина метри.
Археолошките истражувања на локалитетот започнаа во 2001 година и уште при првите откопи беше евидентно дека се работи за еден од најбогатите археолошки локалитети од бронзенодопскиот период во Република Македонија.Систематските археолошки ископувања кои продолжија во наредните години открија големо количество археолошки материјал, пред се фрагменти од керамички садови како на пример:поголеми и помали чинии, големи бико-нусни амфороидни садови, варијанти на лонци за готвење на храна, повеќе типови на шољи и кантаросовидни садови, камени секири, рачни мелници за мелење жито, пирамидални тегови итн.